Monday, October 19, 2009

Ѓаконатот во првите четири века

Ѓаконатот во првите четири векови

Целта на овој есеј е да се направи еден концизен историски преглед на суштината на востановувањето и раните сведоштва за ѓаконатот (ѓаконството). Ќе се обидеме да презентираме сведоштва и факти за она што претставувало причина или суштина за востановувањето на овој свештен степен. Да ги проследиме раните почетоци и развој со сите функции и надлежности, кои ги имале ѓаконите во сферата на Евхаристијата, но да ги проследиме и нивните т.н. неевхаристиски надлежности .

Востановување и новозаветни сведоштва за ѓаконатот

Како суштинско и општо прифатено сведоштво за востановувањето на оваа служба (свештен степен) , се зема Новозаветниот опис од Делата Апостолски, каде се вели:
Кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле прегледувани нивните вдовици. Тогаш дванаесетте, штом го свикаа целото мноштво ученици, рекоа: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седумина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба; а ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото“. Овој предлог им се свиде на сиот народ; па ги избраа: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја придојден од Антиохија; нив ги претставија пред апостолите, а овие штом се помолија, ги положија рацете над нив (Дела 6; 1-6).


Од ова сведоштво може да се заклучи дека примарната фунција на ѓаконите била да се грижат околу трпезите. Избраните за оваа служба требало да бидат чесни луѓе исполнети со Свет Дух, или како што надополнува св. Ап. Павле:
Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не двојазични, да не се страсни за вино, ниту лакоми, за гнасна печалба; да ја пазат тајната на верата со чиста совест. И тие најнапрет треба да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат ѓакони (1Тим 3; 8-10).

Во прво време, ѓаконите покрај тоа што се грижеле околу трпезите, извршувале и некои свети тајни и дејанија кои денес не им се допуштаат. Тоа може да се види од примерот на светиот ѓакон Филип кој го пренесуваат Делата апостолски каде се вели дека, Светиот Апостол Филип слегол во еден Самариски град каде што проповедал (благовестел за Христа) и вршел големи чудеса. Подоцна на патот од Ерусалим кон Газа онака како што Ангел Господов му објавил претходно, му благовестел на Етиопјанинот за Христа Исуса по што и го крстил. Како што ќе видиме во понатамошниот тек на овој есеј, подоцна оваа Света Тајна станала привилегија само на епископите и презвитерите, а ѓаконите најпрво можеле да ја извршат само ако за тоа биле авторизирани од епископот, а подоцна потполно го изгубиле правото да крштеваат. Тука секако го исклучуваме правото за принудно крштевање во опасност, кое секако им се допушта и на лаиците.


Евхаристиски и не-евхаристиски должности на ѓаконите

Формулацијата која погоре ја споменавме, а се однесува на должноста за која биле назначени (или ракоположени) ѓаконите - да се грижат околу трпезите, недава потполно јасна и прецизна формулација за тоа во што конкретно се состоела таа грижа. Следно прашање кое логично се наметнува во овој контекст е, дали овде станува збор само за грижа околу општите не-евхаристиски братски трпези или тоа влкучувало и грижата околу Евхаристиските трпези т.е. Евхаристијата (Литургијата).

За да ги разјасниме овие дилеми неопходно е најнапред да погледнеме на карактерот и суштината на Евхаристиските собранија во овој ран апостолски и постапостолски период. Имено, после Христовото вознесение, апостолите продолжиле да се собираат по домовите и да прекршуваат леб т.е да совршуваат Евхаристија. Евхаристијата која ни ја пренесува св. Ап. Павле во Првото послание до Коринтјаните единаесетата глава, неостава сомнеж дека во себе вклучувала и општа трпеза со храна за присутните. Оваа пракса, Евхаристиите да се служат заедно со општи братски трпези продолжила и понатаму, а овии трпези биле познати под името Агапи . Сведоштва за продолжувањето на оваа пракса може да се најде во ранохристијанскиот документ Дидахи, кој најверојатно има сириско потекло, а датира од првата половина на вториот век. Праксата на Агапи одвоени од Евхаристијата може да се забележат веќе во Апостолската Традиција на св. Иполит Римски што укажува дека кон крајот на вториот век оваа пракса на одвоени Агапи се востановила, а во наредниот период Агапите и целосно исчезнале, како форма на христијански собранија.

Во секој случај, за нас овде важен е заклучокот кој произлегува од погоре елаборираното, дека во овој апостолски и постапостолски период сеуште неможеме да зборуваме за Евхаристија без општа братска трпеза (Агапи) т.е овие две форми претставувале суштински една целина. Овој факт ни дава за право да констатираме дека ѓаконите имале должност да се грижат околу трпезите, сфатено во поширока смисла, што подразбира грижа за Евхаристиските трпези како и грижа за општите братски трпези (Агапи).

Ова мислење можеме да го поткрепиме и со сведоштво на свети Игнатиј Антиохиски, кој уште во почетокот на вториот век во своето Послание до жителите на Тралес вели:
Исто така потребно е ѓаконите како служители на тајните на Исуса Христа да ги почитувате сите и во секоја смисла. Бидејќи тие не се просто служители на храна (месо) и пиење, но се служители на црквата Божја.

Со ова, св. Игнатиј, недвојбено дава до знаење дека ѓаконите не се грижеле само за поредокот на братските трпези туку биле вклучени и во тајните на Црквата, алудирајќи пред и сé на Евхаристијата. Во своето Послание до Ефесјаните, Св. Игнатиј уште еднаш го потврдува ова наше мислење. Имено споменувајќи го ѓаконот Бура, го нарекува свој „сослужител“(συνδούλος) со што се потврдува нивното заедничко учество во Евхаристијата.

Прво поконкретно сведоштво за инволвираноста на ѓаконите во Евхаристијата (литургијата) и нивната улога во неа наоѓаме во Првата Апологија на св. Јустин Маченик која потекнува од средината на вториот век. Опишувајќи Крштелна Литургијата, св. Јустин вели:
И штом ќе заблагодари престојателот, а целото собрание (сите луѓе) ќе потврдат (со Амин), оние кои ги нарекуваме ѓакони им даваат на сите присутни да се причестат, првин со лебот а потоа и со виното измешано со вода над кои беа кажани благодарствените (евхаристиските) молитви, а на оние кои не се присутни, ѓаконите им носат по домовите.

Од овој цитат може да се забележи дека на евхаристиското собрание во Рим, онака како што св. Јустин ни го пренесува, ѓаконите а не престојателот т.е. презвитерот имале должност да причестуваат со Евхаристиските Дарови (Tелото и Kрвта Христови). Интересен момент е и должноста на ѓаконите, покрај пречестувањето на присутните, причест да им носат и на отсутните во нивните домови. Оваа пракса Св. Јустин ја повторува уште еднаш во 67 поглавје од Првата Апологија каде дава детали од неделна Евхаристија. Пракса на носење причест по домовите поради сé почестите злоупотреби подоцна престанала и потполно исчезнала а со тоа и оваа должност на ѓаконите престанала.

Половина век подоцна Апостолската Традиција на св. Иполит Римски, давајќи опис повторно на Крштелна Литургија, ни пренесува малку поразлична пракса од онаа која ја среќаваме кај св. Јустин Маченик. Имено, откако даровите (лебот и виното) ќе биле донесени од ѓаконите кај епископот на осветување , епископот ги кажувал евхаристиските молитви. По осветувањето на даровите и објаснувањето на новокрсените за нивната смислата и значење, епископот сам им давал на новокрстените од Телото Христово. За чашата со Крвта Христова и две други чаши ( со вода и млеко) св. Иполит вели:
Презвитерите но ако не се доволни тогаш и ѓаконите, треба да ги држат чашите и да стојат достојно, скромно и со страв Божји. Прв да биде оној со чашата со вода, втор оној со чашата со млеко и трет оној со чашата со Крвта Христова. Оние кои се причестуваат треба да вкусат од секоја чаша по три пати а оној кој подава да говори: Во (име на) семоќниот Бог Отец а оној кој вкусува да одговори со Амин, и во (име на) Господ Исус Христос а оној кој вкусува да одговори со амин повторно, и во (име на) Светиот Дух и светата Црква и повторно да одговори со Амин. Ова е потребно да се прави со секој.

Различно од св. Јустин каде што ѓаконите причестувале со Евхаристиските дарови под обата вида (Тело и Крв), овде се кажува дека ѓаконите имале должност да ги донесат даровите кај епископот на осветување, а подоцна доколку немало доволно свештеници ѓаконите имале должност да причестуваат со трите чаши со Kрв Христова, вода и млеко. Како што веќе напоменавме причестувањето со Tелото Христово било во исклучителна надлежност на епископите. Говорејќи за праксата на ракополагање на ѓакон во осмата глава од Апостолската Традиција, Св. Иполит Римски јасно дава до знаење за достоинството на ѓаконите, дека тие не се ракополагаат во презвитерски чин но се ракополагаат во служба на епископот.

Ѓаконот не се ракополага во презвитерски чин, но во служба на епископот, да извршува она што епископот му заповеда. Тој не е дел од редот на презвитери, но се грижи околу епископот и гo известува за она што е потребно. Тој не го прима презвитерскиот дух кој пребива кај презвитерите но оној дух кој му е довереен под авторитет на епископот.

Давањето на причест од чаши на ѓаконите, доколку немало доволно презвитери, сепак не било сметало за мешање во должностите на презвитерите од страна на ѓаконите. Носењето на причест на болни по домовите доколку немало достапни свештеници исто така било должност на ѓаконите. Покрај овие литургиски функции, овој документ ни пренесува и уште една должност на ѓаконите, која можеме да ја наречеме нелитургиска. Се работи за неевхаристиските братски трпези, на кои ѓаконот секако во присуство на епископот држејќи ја чашата (веќе помешана) кажувал псалм. Суштината на понатамошниот текст е дека во отсуство на епископ и презвитер, ѓаконот можел да претстои на ваква неевхаристиска трпеза, да преседава и да ја благослови храната.

Овии допуштања, ѓаконот да врши некои дејанија во случаи кога епископ или презвитер не биле достапни, среќаваме и на неколку други места, за различни случаи и во различни контексти. Тертулиан, ни пренесува дека во негово време во Северна Африка, ѓаконите биле авторизирани да извршуваат крштевање доколку епископ или презвитер не биле во можност да го извршат тоа. Подоцна ,како што веке напоменавме, оваа можност се редуцирала само за во хитни случаи. Свети Кипријан Картагински пак, во своето дванаесето Послание (писмо) порачува дека во случај на неизбежна смрт а поради прогоните кои се случувале, исповед може да изврши и ѓакон доколку презвитер не е достапен и таа исповед ќе се смета за валидна.

Многу важни информации од наш интерес, нудат два исклучително важни и авторитативни ранохристијански документи. Едниот документ, Дидаскалиа Апостолорум, потекнува од третиот век а вториот документ Апостолските Уредби (Установи) потекнува од четвртиок век. Имено, документот Дидаскалија дава широк спектар на активности, кои во тоа време биле во надлежност на ѓаконите. Од неевхаристиските должности кои ги имале ѓаконите спомнати се:
- извршување на сé она што ќе им биде заповедано од епископот.
- помагање на епископот при делење на милостиња на сиромашните.
- посета на болните, оние во затвор и други во невољи или други потреби.
- помагање и надгледување на вдовиците.
- грижа за црковните гостински куќи и грижа околу посетителите кои престојувале во куќите.

Интресен е фактот кој ни го дава Дидаскалија, а се однесува на тоа дека ѓаконот претставувал суштински линк или врска помеѓу епископот и народот Божји (лаосот).
Ѓаконот нека го информира епископот за сите работи, како што Христос Неговиот Отец. Но, ѓаконот нека решава некои од овие работи (се мисли на спорови во Црквата), оние кои може да ги реши нека ги решава а останатото нека го препушти на епископот да пресуди. Но, сепак нека биде ѓаконот уво на епископот, негова уста, негово срце и негова душа...

Од цитираното, може да се види дека ѓаконот бил ополномошен од епископот да биде негов помошник и посредник дури и за некои јуридички работи. Претставувал негов жив линк со лаосот и со надворешната средина. Дидаскалија, во поглавје IX, забранува да се зборува лошо за епископот но и за ѓаконот, велејќи дека кој зборува лошо за ѓаконот зборува против Христа. Бидејќи една од должностите на ѓаконот, била да извршува сé она што ќе му било заповедано од епископот, така ѓаконот можел и да извршува катехизација и крштевање доколку за тоа бил ополномошен од епископот.

Што се однесува до Евхаристиските собранија, во дванаесетото поглавје на Дидаскалија, читаме:
Што се однесува до ѓаконите, нека стојат постојано покрај даровите за благодарење (евхаристијата), а другите нека стојат кај вратата да внимаваат кој влегува внатре, и потоа кога ќе се изврши предложението, нека служат заедно во Црквата.

Понатаму во текстот се објаснува дека, доколку некој од заедницата седел (стоел), на несоодветно место тогаш должност на ѓаконите било да го станат и ако се работело за вдовица да го седнат на местото определено за вдовици или ако била немажена на местото кое им припаѓало ним. Во тоа време, во Црквата морало да се стои на место точно определено според статусот кој го имал секој член. Ѓаконот, значи имал обврска, секој кој ќе влезел да го проследи дали ќе седне на местото каде што припаѓа, а доколку тоа не се случело тогаш тој интервенирал. Доколку влезел некој непознат, ѓаконот требало да испита дали припаѓа на друга заедница, дали е еретик или можеби не е и воопшто член на Црквата. Во извесна смисла, ѓаконот имал служба на редар и чувар на литургиската дисциплина, па така тој бил задолжен да внимава на однесувањето за време на Литургијата. Доколку некој шепотел, разговарал или на некој друг начин правел неред, ѓаконот бил задолжен да интервенира.

Повеќе подробности околу литургиските функции на ѓаконите, наоѓаме во документот Апостолски Установи. Тука можат да се видат фунциите кои приближно кажано и денес се во надлежност на ѓаконите, а се однесуваат на литургиските дејанија. Додека списот Дидаскалијата ни дава само краток и неконцизен опис дека, ѓаконите треба да стојат постојано покрај даровите и потоа да служат заедно во Црквата, во Апостолските Установи читаме дека ѓаконите:
- Возгласувале за тишина пред читањата од Библијата.
- Го читале Светото Евангелие.
- Возгласувале при сите нивоа на Литургиската служба.
- Посочувале на заедницата кога треба да се клечи а кога да се стои исправен.
- После Омилијата т.е Беседата ги отпраќале до надвор оние кои само ги слушале читањата и беседата како што се: покајниците, катехумените и енергумените.
- Го возгласувале (најавувале) целивот на мирот.
- Ги кажувале соборните прозби – ектениите.
- Ги донесувале даровите кај епископот во олтарот.
- Стоеле покрај олтарот и бранеле инсекти да влезат во олтарот кај даровите.
- Се причестувале после епископот и презвитерите а пред ипоѓаконите, чтеците, пеачите, аскетите, ѓаконисите, девиците, вдовиците и.т.н.

Интересен е фактот дека за разлика од Дидаскалија, каде што видовме дека ѓаконот причестувал со чашата, само во случај презвитер да не бил достапен, во Апостолските Установи се вели:
Епископот нека подаде од просфората со зборовите „Тело Христово“ А оној кој прима нека одговори – „Амин“. Ѓаконот нека ја држи чашата, и подавајќи ја нека говори „Крв Христова, чашата на животот“, а оној кој пие нека одговори – Амин. Додека се причестуваат останатите нека се чита 33-от Псалм. Кога ќе се причестат сите, ѓаконите нека ги соберат остатоците и нека ги однесе во пастофориа ( дел од олтарот, нешто како проскомидија).

Од овде може да се заклучи, дека за разлика од Дидаскалија, Апостолските Установи напоменуваат дека причестувањето со Крвта Христова (чашата) била во исклучива надлежност на ѓаконите. Оваа пракса, ѓаконите да го причестуваат лаосот, низ историскиот тек постепено исчезнала, а причестувањето со време останало во надлежност само на епископите и презвитерите. Исто така важно е да се напомене дека за време на големите прогони, од 303 до 311 година, некои ѓакони извршувале т.е. претстојувале на Евхаристиите, па затоа Соборот во Арлес (314 год.), во своето петнаесето правило стрикно забранува ѓаконите да извршуваат Евхаристии, ставајќи реска линија околу нивните литургиски должности.

На крајот можеме да заклучиме и да го завршиме овој преглед со овој како што напоменавме значаен документ од четвртиот век кој ги дава и трасира надлежностите на ѓаконите кои во извесна мера до ден денес им припаѓаат. Секако дека низ текот на следните шеснаесет века дошло до извесни модификации во службата и обврските на ѓаконите и резултат на тие измени е денешната или современта ѓаконска служба, онака како што денес ја знаеме и практикуваме. Различните контекси и потреби кои ги носела секоја нова ера биле причина за тие модификации и модулации.

Важно е да се напомене дека Православната Црква од секогаш, исконски го чувала преденското значење на оваа служба. Ќе напоменеме дека кај католиците, во средниот век оваа служба потполно го изгубила своето значење и улогата во Црквата. Обиди да се обнови оваа служба се јавуваат дури после вториот ватикански концил, а слични обиди за заживување и преосмислување на оваа служба има и кај дел од протестанските заедници. За разлика од нив во нашата Црква ѓаконатот во континуитет суштествувал, онака како што Св. Ап. Павле советува, верно пазејќи ја тајната на верата со чиста совест, искрено служејќи му на Бога, Црквата Божја и народот Божји.




ѓакон м-р Владо Недески

No comments: