“Тропарот
на третиот час” како додаток во Епиклезата
Вовед
Литургиската пракса, односно богослужбената традиција на
Православната Црква, сосема природно познава и признава различности кои се плод
на развојот на литургиското искуство, традицијата и локалните особености,
карактеристични за секоја помесна Православна Црква. Различностите, не се туѓи
ни на литургиската пракса внатре во рамките на една помесна Црква. Растејќи
секојдневно низ молитвеното и литургиско искуство, секоја Црква ја гради, обновува,
преиспитува и корегира својата литургиска пракса и традиција. Во овој контекс веќе
подолго време меѓу православните јавно се дебатира за местото и суштината на „Тропарот
на третиот час“, како дел од Литургијата, поточно дел од Епиклезата – призивот
на Светиот Дух врз Даровите.
Од денешна перспектива, главната дистикција која може да
се направи, а од аспект на предметот од интерес на овој текст и православната
литургиска пракса, е поделбата на, условно речено, “Цркви од грчка традиција”[1]
каде тропарот на третиот час не е присутен во Епиклезата и „Цркви од словенска
традиција“[2]
каде овој тропар се уште е присутен во Литургијата. Во најновото синодално
издание на Македоската Православна Црква - ОА на богослужбената книга –
Сужебник, од 2012 година, тропарот на третиот час е испечатен како дел од
Епиклезата, а во фуснота е дадено допонително објаснување кое вели: “Треба да
се знае дека тропарот на Третиот час – Господи, Ти Кој... е подоцнежен додаток,
кој не постои во поранешните служебници. ”[3]
Забелешката дека овој тропар “не бил дел од поранешните
служебници”, а денес претсавува дел од
Литургијата, отвара простор за дебата околу тоа, во кои околности и како овој
тропар, иако подоцнежен додаток, станал дел од централниот момент на
Литургијата - самата Епиклеза. Како подоцнежен додаток, кој не е органски дел
од Анафората или евхаристиските молитви од Епиклезата, што имплицира понатаму овој
подоцнежен додаток во Литургијата. Од аспект на секојдневната литургиска пракса,
се поставува прашањето, треба ли овој додаток свештенослужителите да го читаат
за време на Епиклезата или може и да го испуштаат доколку сметаат дека не треба
да се чита?
Во понатамошниот тек од ова истражување ќе се обидеме да
дадеме одговор и видување на дилемите кои претходно ги споменавме, но и на оние
кои дополнително ќе произлезат од согледувањето на аргументите по однос на ова
прашање. За таа цел, најнапред ќе се фокусираме и ќе се обидеме да го лоцираме
историскиот момент и контекстот во кој, овој тропар станал дел од Епиклезата, а
понатаму да го проследиме и историскиот тек и промените на овој додаток како
дел од Литургијата. За таа цел, ќе погледнеме некои базични но и секундарни
извори преку кои попрецизно ќе ги согледаме фактите релевантни за оваа
проблематика.
Појавата
и утврдување на Тропарот на третиот час во Литургијата
Најголем дел од православните литургичари и авторитетни
богослови, генерално се согласни дека, тропарот на третиот час – “Господи, Ти
Кој Пресветиот Твој Дух.....” станал дел
од Епиклезта, некаде околу XVI век. Постојат многу причини поради кои е тешко попрецизно
да се утврди моментумот на оваа промена. Сведоштва дека овој тропар бил дел од
Литургијата, има дури и многу порано од XVI век. Таков е примерот на
Грота-Фератскиот кодекс кој датира од XI
век и кој го содржи овој тропар во Литургијата, но во овој кондекс, тропарот не
се наоѓал во Епиклезата, туку после моментот на причестувањето на
свештенослужителите.[4]
Од сведоштвата на Свети Герман Патријархот Цариградски(†740) во неговото дело Толкување
на Божествената Литургијата[5],
Tолкувањето на Божествената Литургијата[6]
на Свети Никола Кавасила(†1392), како и литургиските дела[7]
на Свети Симеон Солунски(†1429), евидентно е дека тие не го споменуваат
постоењето на тропарот на третиот час ниту како дел од Епиклезата, ни воопшто како
дел од Светата Литургија. Според тоа, природно е да се заклучи дека
литургиската пракса во нивно време не познавала постоење и читање на тропарот
на третиот час нити во Епиклезта, ниту во некој друг момент од Литургијата. Тоа
ни дава право да заклучиме дека појавата на тропарот во Епиклезта и Литургијата
во Источната Православна Црква се случил после XV век.
Според мислењето на епископот Порфириј Успенски, прв пат
овој тропар бил додаден како дел од Епиклезата во Филотеевата редакција на
светата Литургија. Според него, Константинополскиот Патријарх Филотеј (†1379),
праксата на читање на тропарот на третиот час во Литургијата, најверојатно ја пренел
од Синај каде бил монах, а синајскиот манастир во тоа време, бил под влијание
на Александриската богослужбена пракса. Еп. Порфириј својата теза ја поткрепува
со фактот дека тој знаел за еден запис од Александриската богослужбена пракса (Синтагманатион-от
на Александрискиот Патријарх Герасим (†1710)), каде овој тропар бил дел од Епиклезата.
Вредно е да се забележи дека, според еп. Порфириј во Александрија, во тоа време
постоела пракса после Епиклезта т.е. литургискиот призив на Светиот Дух, овој
тропар покрај свештенослужителите да го кажуваат и присутните верници во себеси
(тајно). Призивот на Светиот Дух, како што пренесува понатаму еп. Порфириј, не
се однесувал само на осветувањето на даровите, туку се однесувал и на осветување на верните, за да
можат тие достојно да се причестат со светите тајни. Зборовите кои следеле „Тебе
појем, Тебе благословим, Тебе благодарим и молим
Ти сја“, ги толкувале повик до верните да
се молат, со тајно кажување на тропарот „Господи Иже пресвјатаго твоего
Духа...“ во себеси.[8] Во
контекст на руската литургиска пракса, еп. Порфириј сметал дека митрололитот
Кипријан, кој бил современик на пат. Филотеј, е тој кој ја пренел и востановил праксата
кај Русите, тропарот да се чита во Епиклезата.[9]
Архимандрит Кипријан Керн, истражувајќи ја оваа
проблематика наведува дека освен посочениот извор (Синтагманатионот на патр.
Герасим), во кој бил поместен тропарот на третиот час во Епиклезата, не постојат
други релевантни извори од оваа традиција (се мисли Александриската), кои можат
да посведочат за постоењето на ваква практика. Од друга страна, пак, Керн
наведува други извори, кои немале никаква врска ни трага од влијанието на Филотеевата
редакција на светата Литургија, а го содржеле тропарот на третиот час во Епиклезата.
Меѓу поважните извори кои Керн ги наведува се: Ракописен Евхологион од XVI век
од Атонскиот Манастир Пантелејмон No. 421 (во кој е присутен тропарот на
третиот час), Евхологионот на Синајската Библиотека No. 971 од XIII-XVI век (каде
има забелешка за читање на тропарот за време на Епиклезата на Литургијата на
св. Василиј Велики), Устав на Ватиканската Библиотека No. 573 од XIV-XVI век и
Евхологионот на Ерусалимската патријаршиска библиотека од XIV век No. 362/607.[10]
Со тоа Керн, укажува дека неговото мислење во голема мера не е во иста линија
со ставовите на еп. Порфириј.
Со мислењето на Еп. Порфириј, и тоа по многу основи не се
согласува ни почитуваниот професор на Московската духовна академија А. А.
Дмитриевски.[11] На
своето патување на Исток во 1888 година, Дмитриевски решил да ја проучи
Александриската литургиска пракса од XIV и XV век. После темелно истражување на
Литургиите од Евхологионите на Каирската библиотека од XIV-XVI век како и Кипријановите
литургиски текстови, утврдил дека тропарот на третиот час не е присутен во ниту
еден од овие извори.[12]
Професорот Дмитриевски, сметал дека тропарот на третиот час не влегол во Епиклезата
преку александрискиот Синтагматанатион и Филотеевата редакција на Литугијата
како што тврди еп. Порфириј. Според него, многу поверојатно е дека
интерполацијата на тропарот на третиот час, се случила некаде околу XVI век преку
„Уставот“ на Ватиканската Библиотека од каде тропарот се пренел генерално во
најголемиот број источни евхологиони[13],
па дури и во оној Синтагманатион на патр. Герасим од XVII век, кој го споменува
еп. Порфириј.
Важно е да се знае дека, пробивот на оваа пракса и овој
додаток на Епиклезата не бил едновремен и потполн - сеопфатен. Во полза на оваа
теза се сведоштвата на низа кодекси кои датираат од XIV-XVI век, а го немаат
тропарот на третиот час во Епиклезата. Такви се примерите со: Ватопедски кодекс No. 133/744 од ХV век, Пантелејмоновиот кодекс No. 435 од XVI век, Синајски кодекс No. 986, Зографски кодекс, Ватикански кодекс № 1213 од средината
на XVI век.[14] Постојат и други грчки, дури и словенски печатени
Kодекси и Eвхологии кои не го содржеле тропарот на третиот час во Епиклезта.[15]
Керн смета дека, во XV век во Русија суштествувала двојна пракса, со и без читање
на тропарот на третиот час за време на Епиклезата. Веќе од XVI век, праксата да
се чита овој тропар за време на Епиклезата се востановила генерално насекаде.
Богослужбените книги со вака востановената пракса, кога се распространиле на Балканот
и ги замениле венецијанските, направиле оваа пракса да влезе и во
богослужението кај Србите, Бугарите и кај нас Македонците.
Во грчката литургиска пракса, тропарот бил дел од
Епиклезата кон крајот на XIV и почетокот на XV век. Уставот на свети Филотеј
Коккин, кој датира од крајот на XIV век се уште не го содржи овој тропар во Епиклезата,
но укажува дека пред призивот на Светиот Дух, свештеникот и ѓаконот трикратно
се поклонуваат молејќи се во себе.[16]
И во грчката традиција, иако тропарот бил парцијално присутен и пред XV век,
првично неговото читање не било обврзувачко, додека во периодот после XV и XVI
век тропарот бил задолжителен и широко распространет во општата литургиска
пракса.[17]
Во грчката литургиска пракса од XVI век, тропарот на третиот час со стихови од
50-тиот псалм бил дел од Епиклезата, во онаа форма во која и денес постои во
служебниците од словенска традиција.
Во периодот од XV до XVIII век, многу ретки биле грчките
печатени изданија кои не го содржеле овој тропар во Епиклезата. Во овој период
карактеристично е да се напомене дека, освен тропарот со стиховите кои ги
споменавме, во некои изданија после тропарот следела: Слава...Тропарот на
Педесетница – Благословен јеси Христе Боже Наш...И Нињe...Кондакот на
педесетница - Егда Снишед јазики.[18]
Константинополското издание на Литургијата од 1820 година, во Василиевата Литургија
го содржи тропарот на третиот час, а во Златоустовата Литургија, покрај
тропарот на третиот час го има и тропарот на педесетница. Интересен е моментот
дека и во двата случаи тропарот е поместен пред Епиклезата, поточно пред
молитвите „Уште Ти ја принесуваме оваа словесна “ во Златоустовата и „Затоа,
Пресвет Владико, и ние грешните“ во Василиевата Литургија.[19]
Тропарот на третиот час, најверојатно паралелно
навлегувал и во грчката и во руската литургиска пракса, и она што важи за
грчката важи и за руската литургиска пракса. Во обете традиции, во XV век
почнало навлегувањет на тропарот во Литургијата, а веќе во XVI век оваа пракса
била добро утврдена.[20]
Пол Маендорф после истражувањето на Никоновата реформа (средината на XVII век),
констатира дека таа во суштина претставувала повеќе корекција отколку реформа.[21]
Новините кои ги донела оваа реформа, според Маендорф, се токму иновации во
текстот. Како типичен пример ја наведува интерполацијата на тропарот на третиот
час во Епиклезата и во Златоустовата и во Василијевата Литургија, како и
додавката на зборовите: „преложив духом твоим свјатим“, кои претходно биле присутни
само во Златоустовата Литургија, сега ги пренел и во Василиевата Литургија.[22]
Тој смета дека несомнен е фактот дека тропарот на третиот час во Епиклезата бил
присутен во едициите и пред Никонвата реформа, но тогаш читањето на тропарот
било оставено на изборот и волјата на свештеникот, да го кажува или не.[23]
После Никоновата реформа, генерално во сите изданија на богослужбената книга Служебник,
тропарот на третиот час бил дел од Епиклезата.
Во некои руски изданија од 1977 година, тропарот на
третиот час во Златоуставата Литургија бил печатен во наводници што асоцирало
на веројатноста дека може да се прескокне како несуштински дел од Анафората, а
во официјалното руско издание на служебникот од 2004, тропарот на третиот час,
со стихови од педесеттиот псалм бил испечатен со помал фонт во обете Литургии,
Василиевата и Златоустовата.
Повод и
причини за воведувањето на тропарот во Епиклезата
Генерално,
постојат две можности или објаснувања кои ги дефинираат причините и околностите
поради кои овој тропар станал додаток на Епиклезата. Мнозинството православни
литургичари, причината за воведувањето на тропарот на третиот час, ја наоѓаат
во диспутот кој се јавил помеѓу источната и латинската пракса, околку значењето
на Епиклезата т.е призивот на Светиот Дух за осветувањето на даровите.
Полемиката околу овој проблем кој траел од Флорентинскиот собор, а бил заклучен
после Тридентинскиот собор, резултирал со Була на римскиот Папа Пиј V од 1570
година. Во папската Була, како офичијално точна била прогласена латинската пракса
и учење, кое сметало дека претварањето на даровите се случува за време (во
моментот) на изговарањето на Христовите зборови на востановувањето на светата
Тајна Евхаристија („Примете јадете“ и „Пијте сите“). Како одговор на овој гест
на Рим, Источните Православни Цркви, следејќи го примерот на латините за
егзактно утврдување на момент на кој се претвораат даровите, сметале дека е
потребно да го акцентираат моментот на призивот на Светиот Дух врз даровите.
Така во Епиклезата го додале и тропарот на третиот час, како дополнително
акцентирање на важноста на овој момент, како вистинскиот момент на кој се
претвараат даровите во тело и крв Христови.
Второто објаснување е дека тропарот на третиот час, бил
додавка на Литургијата „благоговение ради“ и претставувал лична молитвена
подготовка на свештеникот пред призивот на Светиот Дух врз даровите.[24]
Тропарот требало да го дополни свештеничкиот личен сремеж, што подобро да се
подготви за централниот момент на Литургијата и да ја зацврсти неговата вера и
лична побожност.[25] Епископот
Виссарион Нечаев во толкувањето на божествената Литургија, за чинодејствијата
кои се случуваат пред Епиклезта и осветувањето на даровите вели дека,
свештеникот пред моментот на призив на Светиот Дух на даровите, пред да се
обрати со молитва кон Бог Отецот, воден од чуството на својата недостојност,
најнапред се обраќа кон Бог Синот со молитвата „Господи иже пресјатаго“. Еп.
Висарион, многу јасно прави дистинкција помеѓу суштинската молитва на Епиклезата,
и тропарот на третиот час, кој за него претставува извесна духовна и молитвена
подготовка на свештеникот за големиот момент кој следел.[26]
Поткрепа на претходно кажаното објаснување, даваат и
останатите додавки кои низ историјата се јавувале и станувале дел од
Литургијата а имале пиетистичка основа.[27]
Со време, овој тропар наместо да се кажува пред Епиклезата како што се
случувало на почетокот, почнал полека и градациски да се поместува и се лоцирал
во самата срж на евхаристиските молитви на призивот на Светиот Дух -
Епиклезата. Обете тези, т.е објаснувања се многу веројатни и не се исклучуваат
една со друга, туку напротив се комплементарни, образувајќи и одразувајќи ги вистинските
причини за воведувањето на оваа пракса како комбинација од причините и
последиците споменати и во двете тези.
Во контекст на погоре елаборираните причини за
воведувањето на тропарот во Литургијата, интересен е погледот на почитуваниот
литургичар, архимандритот Кипријан Керн, за кого спорна и во основа погрешна е
самата идеја дека со додавката на тропарот на третиот час во Епиклезта, Православните
треба да одговорат на латинското учење, потенцирајќи го призивот на Светиот Дух
како момент (momentum) на претварање на даровите. Погрешното учење на латините
дека моментот на претварањето на даровите се зборовите на Анамнезата, Православните
го замениле со учењето дека моментот на претварањето на даровите е при
Епиклезта, т.е., призивот на Светиот Дух врз даровите. Учењето и проникнувањето
во светотечките толкувања и древните литургиски текстови, неостава сомнеж за
тоа дека на црковното сознание му биле туѓи схоластичките учења за
„тајносовршувачките формули“, „егзактни моменти“ и „емпириските методи“ на
претварање на даровите во тело и крв Христови. Таквата терминологија и егзактност,
карактеристична за латинската схоластичка мисла а типично применета во учењето
на Тома Аквински, отсегогаш била туѓа на православното светоотечко учење за
Евхаристијата. Но, ова схоласитчко мудрование, според Керн полека почнало да
прави супституција на древното учење и вера на Црквата за осветувачката и
преобразувачка сила на целокупната Анафора – целиот текс на евхаристиските
молитви на Канонот на Евхаристија.
За православното литургиско богословие, важноста на
призивот на Светиот Дух врз даровите не ја негира и не ја намалува важноста на
зборовите Христови со кои на Тајната Вечера ја востанови светата тајна
Евхаристија и им заповеда на учениците да го прават истото „за Негов спомен“.
На Христовите востановителни зборови кои носат историска смисла и сведоштво,
дејствителна сила им се дава преку призивот на Светиот Дух, а сите овие моменти
својата смисла ја имаат само во полнотата која ја носи целата Анафора –
евхаристискиот канон. Неоснован е принципот и учењето дека било Епиклезата или
Анамнезата, можат сами по себе да претсавуваат изолирани, самодоволни тајносовершувачки
формули, надвор од контекстот на Анафората, т.е. Литургијата. Ваквото учење на
латинската схоластика за жал имало делумно влијание и на православното
литургиско богословие, особено карактеристично за времето на Киевскиот митрополит
Петар Могила, и силните прозелитистички влијанија од Запад.
Реакции
и преиспитување на исправноста на оваа пракса
Практиката тропарот на тетиот час да се чита во
Епиклезта, не останала неприметена долго време. Прв кој реагирал и нотирал дека
се работи за подоцнежни и излишни додавки на Литургијата, бил учениот
Ватопедски монах, а подоцна епископ во Русија, основачот на Елинската Академија
во Ватопед (денешната Атонијада)[28],
Евгениј Вулгарис. Вулгарис иако имал таков став, важно е да се напомене дека тоа
не го изразувал јавно и транспарентно. Поголемо внимание околу овој проблем привлекол
еден трактат, напишан кон крајот на XVIII век од некој свештено-проповедник од
Мисолонгах – Грција. Неговото дело и денес е дел од библиотеката на Светогорскиот
манастир Ксенофонт. Овој трактат, го споменува и го пренесува, но не во целост
и еп. Порфириј Успенски, а комплетниот текст беше објавен како трактат на св.
Атанасије Пароски во весникот на Српската Патријаршија – „Православље„ број 982
од 2008 година.[29]
Поаѓајќи од првичните забелешки на Елинската Академија од
Ватопед, поточно забелешките и ставовите на Вулгарис, свештено-проповедникот,
протестирал најостро против овие подоцнежни и излишни додавки на Литургиите на
св. Јован Златоуст и св. Василиј Велики, нарекувајѓи ги неумесни, неразумни и
антихристијанска смелост. Авторот барал од Црквата во Грција, што поскоро да ја
исправи оваа погрешна пракса и да го забрани читањето на тропарот за време на Епиклезата.
Своите барања ги поткрепил со следниве аргументи:
- Тропарот е доцнежна додавка која не е органски дел од
Анафората и светотечките евхаристиски молитви и не е присутен ни во еден
евхологион од пред XV – XVI век.
- Авторитетните, за нас православните, толкувачи на светата
Литургија, Св. Герман Цариградски, Св. Никола Кавасила и св. Симеон Солунски не
го споменуваат тропарот на третиот час како дел од Литургијата.
- Тропарот ја нарушува логичката, граматичката и молитвена
целост на евхаристиските молитви и прави прекини во целовитоста на Епиклезата
(особено во Василиевата Литургија).
- Тропарот ја изместува суштината на Анафората како
молитвено благодарење кон Отецот со кажувањето на тропарот кое е насочено кон
Синот – Христос, со што се јавува богословски проблем со два христоси[30]
Грчката црква, согледувајќи ја неоправданоста на овој “контра
одговор на латините” и разбирајќи ја литургиската и богословската непоткрепеност
на овој додаток во Епиклезата, иако не без борба, ги направиле бараните
отстапки, земајќи ги предвид аргументите на свештено-проповедникот од Мисолонгах.
Според тоа, во грчката литургиска пракса, веќе од XIX век, тропарот на третиот
час не бил дел од Епиклезата и воопшто од Литургијата. Изданието на
Божествената Литургија на „св. Георгиј“ од 1852 година, ги отстранува од Епиклезата
тропарите и на третиот час и на Педесетница, а дополнително се изоставуваат и
зборовите „Боже очисти ме грешниот“. Во дополнителното објаснување поместено во
ова издание, се наведуваат и причините поради кои и се изоставени овие
додатоци. Во објаснувањето се вели дека, овие тропари ја прекинуваат „мислата“
на анафорната молитва и се јавуваат дека се доцнежни додавки на Анафората.[31]
Иако некое време, тропарот на третиот час во најголем дел од Грција го имало во
печатените изданија, тој се испуштал и не се читал во Епиклезата, а од XIX век,
потоплно исчезнува и од печатените изданија на Литургиите.
Богословски
импликации
Присуството на овој додаток, кој не е органски дел од
Епиклезата како што неколкупати досега спомнавме, прави одреден дисконтинуитет
и го ремети логичкиот, граматичкиот и молитвениот редослед на Анафората. Во
повеќето руски изданија, но и во синодалното издание на Служебникот на Македоската
Православна Црква – ОА, од 1998 година, тропарот на третиот час е лоциран после
молитвата на призивот: „Уште Ти ја принесуваме оваа словесна“, со што се прави
сепарација на молитвата на призивот од чинот на благословувањето на даровите.
Така, свештенослужителот произнесувајќи го тропарот на третиот час и обрајќајки
се кон Господа Исуса Христа, продолжува со Епиклезата и вели: „И направи го
овој леб чесно Тело на Твојот Христос“, со што се прави Богословска недоумица,
молејќи му се на Христа, веднаш бараме (во случајов од Него) да го направи
лебот чесно тело на Твојот Христос?
Во Василиевата Литургија, пак, овој тропар правел груб прекин
и нарушување на молитвениот континуитет на призивот на Светиот Дух врз
даровите. Имено, после читањето на молитвата: „Затоа, Пресвет Владико, и ние
грешните....и да ги благослови, да ги освети и да ги покаже:“, свештеникот и
ѓаконот требало да го кажат најпрво тропарот на третиот час со стиховите од
педесетиот псалм, па дури после тоа да се вратат на мислата на молитвата од
призивот и да се надоврзат на зборовите „покаже“, за да посочат што Светиот Дух
треба да ги покаже предложените дарови. Во најновото издание на Служебникот на
Македонската православна црква - ОА од
2012 година, тропарот на третиот час е поместен пред молитвата на призивот: „Затоа
Пресвет Владико, и ние грешните...“.
Според протоерејот Николај Деснов, професор на Одеската Духовна
Семинарија во Русија, позицијата на тропарот на третиот час, заедно со
стиховите од педесетиот псалм во Анафората е крајно неумесна. Според него,
секој свештенослужител може лично да искуси каква дисонантност прави овој
подоцнежен додаток во централниот дел на Евхаристискиот Канон. На местото каде што
овој тропар природно припаѓа, а тоа е „Службата на Третиот Час„ овој тропар има
прекрасно свештено песнопение, но зошто, прашува професорот Деснов, овој тропар
се додава во веќе готови, завршени и богословски осмислени, од Светите Отци на
Црквата Божја, евхаристиски молитви, каде прави вознемирувачко пореметување и дисхрамонија
- неред. Тропарот на третиот час, јасно ја нарушува кохерентноста на
литерарната поставеност и логичното течение на зборовите и мислите во
евхаристиските молитви, плод на богословстувањето на Светите Јован Златоуст и
Василиј Велики. [32]
Проф. Деснов, бил длабоко свесен за деликатноста по однос
на промени во Литургијата во негово време, а со тоа и можноста целосно да се
отсрани тропарот на третиот час од посреде евхаристиските молитви на Епиклезата.
Затоа тој, земајќи ги како основа размислувањата на еп. Порфириј Успенски по
однос на ова прашање, сметал и предлагал дека би било убаво ако тропарот со
стиховите се помести, т.е, не се наоѓа во кулминирачката точка на Анафората –
во Епиклезата, ами порано, некаде помеѓу Анамнезата и Епиклезата.[33]
Неговиот предлог бил, свештенослужителот најнапред да го каже тропарот на третиот
час, а потоа да следат молитвите на Епиклезта и призивот на Светиот Дух врз
Даровите, принципот по кој тропарот на третиот час е поместен и во најновото
синодално издание на Служебникот на МПЦ –ОА од 2012 година.
Од ова излагање верувам станаа појасни некои од прашањата
и дилемите кои ги поставивме на почетокот од овој текст. Што се однесува до
секојдневната литургиска пракса и служењето света Литургија, најверојатно уште
некое време ќе сме сведоци на разликите во видувањето на свештенослужителите по
однос на ова прашање. Оние кои, послушни на поредокот изложен во Служебникот го
читаат тропарот на третиот час во Епиклезата и оние кои го испуштаат неговото
читање, а врз основа на расудувањето од истиот Служебник дека тропарот: „... е
подоцнежен додаток, кој не постои во поранешните служебници“ и низата аргументи
кои како што видовме се во полза на таквиот став. Праксата да се избира да се
чита или не, тропарот на третиот час во Епиклезата, не е непознат на Црквата. Етапно
гледано, овој тропар најпрво не бил дел од Литургијата, па станал дел од
Литургијата за да стане на крај дел од Епиклезата. Но и како дел од Епиклезата,
долго време било оставено правото на свештенослужителот да избере дали ќе го
чита или нема да го чита тропарот во Епиклезата. Во одредени изданија тропарот
бил печатен во загради или со помал фонт, што укажувало на незадолжителноста на
овој тропар. На самиот крај, да се потсетиме на она што и во воведот беше
кажано. Литургиската или богослужбената пракса на Црквата, познава и признава
варијации и различности, промените доаѓаат затоа што литургиското искуство на
Црквата расте и се развива според мерата на животот на Црквата како жив
организам, заедница на верни, како Тело Христово чија глава е Самиот Христос.
Свештеник м-р Владо
Недески
[1] Цариградската, Ерусалимската,
Александриската, Антиохиската патријаршија како и Црквите во Грција, Кипар и
Албанија.
[2] Руската,
Грузиската, Српската, Романската, Бугарската патријаршија како и Црквите во
Чешка, Украина, Македонија, Естонија и.т.н.
[5] P. Meyendorff, St. Germanus of Constantinople on the Divine Liturgy, St. Vladimir’s Seminary Press: Crestwood, New
York, 1984.
[7] Л. Миркович прев., О Светој Литургји: Од Симеона архиепископа Солунског (+1491)”, Богословски гласник књ. 18
свеска 3,4,5,6, Епархија карловачка, Сремски Карловци,1910.
[8] Еп.Порфирий (Успенский), Восток христианский: Аθонь, Историiя Аθона, часть III, Аθонь
Mонашеский
Отд. 2, Санктпетербуркь, 1892, 491-492.
[10] К. Керн, Евхаристия, 253-254. Прот. Н. Деснов, Еще несколько слов об известных расхождениях между руссками и
греками в литургиях сватителей Василия Великого и Иоанна Златоуста, Богословские
Труды 31, 1992, 89.
[11] А. Дмитриевский,
Рецензия на Еп.Порфирий
(Успенский), Восток христианский:История АQона Ч.III,
Византиски Временникъ Томъ І, Императорской Академьіи наукъ, Санктпетербуркь,
1894, (413-429) 426. Во својата рецензија на делото на еп. Порфирий,
Дмитриевский, по однос на коментарите и записите на епископот на тема
богослужение, сметал дека правел непотребни излети во православната
христијанска литургика, област која не ја познавал доволно добро.
[12] Исто. 426. Дмитриевский остро констатира
дека, она што го пишувал историчарот еп. Порфирий не било
втемелено на факти и докази ами на измислувања на неговиот разум!
[13] А. Дмитриевский,
Рецензия на Еп.Порфирий
(Успенский), Восток христианский:История АQона Ч.III, 424-429.
За него малку веројатни биле и тврдењата дека патр. Филотеј бил монах на Синај,
тврдење за кое, како што вели, нема цврсти докази. Според него она што е
познато за патр. Филотеј е дека бил монах во лаврата на св. Атанасиј на Атон.
каде некое време бил и Игумен.
[15] Прот. Н. Деснов, Еще несколъко слов об известных расхождениях
между руссками и греками в литургиях сватителей Василия Великого и Иоанна
Златоуста, 89.
[17] P. Mayendorff,
Russia, Ritual and Practice: Liturgical reforms of Nikon in the 17th century,
SVS Press, New York, 1991, 190.
[20] Прот. Н. Деснов, Еще несколъко слов об известных расхождениях
между руссками и греками в литургиях сватителей Василия Великого и Иоанна
Златоуста, 90.
[21]
Како
единствена значајна корекција, според него, може да се смета само
интервенцијата во осмиот член од символот на верата.
[22] Според Маендорф,
пат. Никон овие додавки ги пренел во служебникот најверојатно од Венецијанскиот
Евхологион од 1602 година.
[23]
P. Mayendorff, Russia, Ritual and
Practice: Liturgical reforms of Nikon in the 17th century, 225.
[25]
Слично
на она што и епископот Порфириј го опишува како пракса во Александрија, Еп.Порфирий (Успенский), Восток христианский: Аθонь, Историiя Аθона, часть III, Аθонь
Mонашеский
Отд. 2., 491-492.
[27] Еден таков пример
се зборовите кои ги изговара свештеникот со поклонување: „Боже очисти ме мене
грешниот и помилуј ме“, а ги нема во Служебникот.
[29] Трактатот бил,
како што претходно споменавме, дел од ракопис на светогорскиот манастир
Ксенофонт, бр. 88 (лист 21х55), од 1797 година. Препишувач бил монах Венјамин
–Дукас Апостолидис, стр. 367-391. За повеќе види во трактатот „Посланица о неумесности
додатка Тропара 3. часа у литургији“ од св. Атанасијје Пароски објавен во весникот
на Српската Патријаршија – „Православље“ бр. 982.
[32] Н. Деснов, Еще несколъко слов об известных расхождениях
между руссками и греками в литургиях сватителей Василия Великого и Иоанна
Златоуста, 87.
No comments:
Post a Comment